Свет
10. October 2015 - 0:14

Повторно пукотница во колеџот „Тексас Садерн“, едно лице убиено

Едно лице е убиено, а уште едно е повредено во пукотницата во студентскиот град на универзитетот „Тексас Садерн“, во американската сојузна држава Тексас, информира денеска локалната полиција.

До пукотницата, како што јавува Танјуг,  дошло околу 11,30 часот по локално време, во близина на стамбениот комплекс во кој живеат студентите, наведе полицијата и додаде дека осомничениот напаѓач е приведен.

Студентскиот град е блокиран, а предавањата што требало да се оддржат во текот на денот се откажани, пренесе медиумската куќа Ен-Би-Си.

Ова е веќе втора пукотница неделава во колеџот „Тексас Садерн“, откако во вторникот еден маж беше погоден во стомакот на крстосницата што минува низ кампусот. Тој се наоѓа во болница во тешка, но стабилна состојба.

Во меѓувреме, властите во Аризона соопштија дека осумнаестогодишниот бруцош Стивен Џонсн е напаѓачот кој денеска отвори оган во кампусот на Универзитетот Северна Аризона во Флагстаф и усмрти едно, а рани уште три лица.