Македонија
27. November 2025 - 12:27

Повредените во „Пулс“ полека се враќаат во нормала

По повеќе од 8 месеци по трагедијата во „Пулс“, повредените млади лица постепено се враќаат во нормала. Иако процесот на опоравување кај секој пациент е различен, лекарските екипи оценуваат дека рехабилитацијата се одвива стабилно, а поголемиот дел од повредените веќе продолжуваат со своите секојдневни активности. Некои повторно се враќаат на работните места, други продолжуваат со студии, а сите редовно ги следат закажаните медицински контроли.

-Рееваулацијата се уште трае, поради големиот број на пациенти. Голем дел од нив се вратени на нивните секојдневни обврски. Има една група која се еваулира во Скопје. Во два наврати се вршеше еваулација во Скопје и во три наврати во кочанската Болница и завршува званично во четврток во кочанската Болница, изјави д-р Катерина Паниќ Мирчовска, директорка на Општа болница Кочани.

По завршувањето на проценките, Болницата ќе го достави извештајот до Министерството за здравство. Врз основа на него ќе стане јасно на колку од повредените ќе им бидат неопходни дополнителни хируршки интервенции и какви понатамошни третмани ќе следуваат.

-Секако ќе стартува и третманот со ласер терапија, со два различни ласери којашто ќе се одвива на Клиниката за дерматологија, во Скопје. Во третманите веќе се вклучуваат и дерматолози. Засега и ние сме задоволни од тоа како се одвива нивниот процес на лекување и рехабилитација, додаде, Паниќ Мирчовска

Веднаш по несреќата, дел од повредените ги добија првите третмани во кочанската Болница. Поради зголемениот број пациенти и потребата за подобри услови, беше извршена реконструкција на Одделението за физикална терапија, со што им се овозможи побрз, поефикасен и поквалитетен процес на опоравување.