Македонија
21. December 2024 - 16:48

Повлечен законот за средно

Интегративците на Ахмети ги отфрлат тврдењата на министерката Јаневска дека ДУИ го блокираше Законот за средно образование поради националистички или партиски интереси. Велат дека стотиците амандмани што ги поднеле на законот со кој се предивдуваше интонирање на државната химна и во средните училишта каде што учат Албанци биле обид да се заштити мултиетничкиот дом.       

„Ова е порака до Македонскиот народ, до  граѓаните кои веруваат дека единствено соживотот и еднаквоста се иднината на оваа земја. На нив им велиме: Албанскиот јазик и култура не се закана за вас, напротив, тие се богатство за нашата мултиетничка држава.

Албанците никогаш не ги оспорувале вашите етнички симболи и вредности, и ќе ги штитиме со сето наше битие од секој што сака да ги загрози. Бидете сигурни во тоа. Но нема  да дозволиме истотака некој да ги загрози нашите вредности“, порачуваат од ДУИ.

Министерката Јаневска, како предлагач, вчера го повлече законот за средно образование на комисиска седница, иако тој веќе ја имаше добиено поддршката во прво читање и стигна до амандманската фаза. Алабанската опозиција уште веднаш реагираше на законот бидејќи со него ќе се интонирала државната химна во сите средни училишта доколку за тоа има потврда и од општината, но и за тоа дека официјалните документите во школите мора да се водат на македонски јазик.

За повлекувањето Јаневска ги обвини ДУИ, коментирајќи дека повлекувањето го прави со цел да не заглават и останатите зкаони од овој ресор. Сепак, владиниот албански партнер „Вреди“ на себе ја препиша заслугата за повлекувањето на законското решение.

„Уште еднаш се докажа дека клучен фактор кој ги гарантира албанските интереси е само ВЛЕН. Постапивме како што ни одговара. Без звук и без бучава. Во првото читање наредбата ја дадовме со тоа што воопшто не гласавме, а по потреба поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, имаме повлекување на законот од страна на владата“, напишаа од Вреди.