Македонија
13. May 2024 - 12:38

Постепено забрзување на економскиот раст и просечна инфлација од 3,5 отсто, предвидува Народната банка

Постепено забрзување на економскиот и забавување на ценовниот раст, просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто и постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период, се проекциите на Народната банка содржани во најновиот Квартален извештај што го презентира денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. 

Според проекциите, се предвидуваат стапки на раст на БДП од 2,6 отсто во 2024 година и од 3,6 проценти во 2025-та.

За 2026 година, како што истакна Ангеловска-Бежоска, се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.

-Макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година упатуваат на главно слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции. Во однос на економскиот раст и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6 отсто во 2024 година и 3,6 отсто во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3 и 4 проценти во 2024 и 2025 година, рече гувернерката.  

Според неа, инфлацијата и во овој циклус би ја задржала патеката на надолно приспособување до крајот на периодот на проекциите.

-Проекциите за 2024 година покажуваат забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4 проценти). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 − 2026 година инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 отсто, информира Ангеловска-Бежоска.

Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот.

-Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, по падот во претходната година, во услови на стабилно енергетско салдо, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4 отсто од БДП во 2024 година. Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1 отсто од БДП во 2025 − 2026 година. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс, истакна Ангеловска-Бежоска.

Како што напомена, во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1 отсто.

-Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на активноста на кредитниот пазар во наредниот период, при што растот за периодот 2025 ‒ 2026 година би изнесувал 6,8 отсто, во просек. Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година, рече гувернерката.

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични, објасни, со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките што влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд.

Ангеловска-Бежоска рече и дека во првото тримесечје на 2024 година Народната банка ја задржа прудентноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата.

-Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, подвлече Ангеловска-Бежоска.