Македонија
15. December 2015 - 17:44

Поставени три нови шатори во транзитниот центар во Табановце

Забрзано и интензивно се проширува транзитниот центар во Табановце. Деновиве подигнати се дополнителни три големи шатори кои имаат можност за прием на над 600 лица. Во овие шатори озбезеден е систем за затоплување, соопшти денеска, ракводителот на РЦУК и координатор на транзитниот центар, Горан Стојановски.

Информираше дека деновиве се поставени и нови тоалети по пет за жени и мажи и два за лица со инвалидитет и попреченост. Во меѓувреме ќе се санираат поставените икеа модули и ќе се затоплуваат со климатизери. Стојановски најави дека ќе се постават и нови 11 контејнери, дополнителни два на хуманитарни организации, а еден од нив ќе биде наменет за лица со попреченост и инвалидитет.

-Во сите 22 монтажни објекти и дополнителни три, се ставени грејни тела од 4 киловати кои се вклучени, но има повремени мали испади на електрична енергија, затоа што, се уште сме вклучени на контролниот сат. Од понеделник сметам дека сепак, ќе бидеме приклучени на нова трафостаница, изјави Стојановски.

Според координаторот на транзитниот центар наскоро ќе биде поставен и шатор кујна каде што мигрантите ќе добиваат топла храна.

Нов воз со мигранти, денеска во попладневните часови пристигна на Табановце. Тие добија помош од невладините и хуманитарните организации.

Повеќе невладини и хуманитарни организации, денеска поделиле облека, храна, вода за мигрантите кои мошне кусо се задржале во транзитниот центар и го продолжиле патот кон соседна Србија.