Македонија
8. August 2025 - 16:44

Последна опомена од Дурмиши до трговците

Министерот за економија на средба со трговците, производителите и дистрибутерите ќе разговара за цените на прехранбените производи. Дурмиши вели ова ќе им биде последна опомена. Ако и натаму има поскапување без реална причина, најави дека Владата ќе воведе строги мерки.

„Нашето барање е да дејствуваат соодветно, согласно економските трошоци што ги имаат, да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена. Очекувам најголемите дистрибутери и трговци да дојдат. Ако се однесуваат како претходните три месеци, ќе не доведат во ситуација да донесеме одлука што ќе биде многу построга“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Дурмиши, сепак, не кажа за какви мерки се размислува, ниту кога точно ќе бидат донесени.

Според податоците од Државна статистика, годишната инфлација се искачи на 4,8%. Од ланскиот до овој јули, храната и безлакохолните пијалоци поскапеле за 6,5%. Најголем раст има кај транспортот, близу 10%.  

Првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија оценува дека мерката за замрзнување на маржите е добра и треба да се врати повторно. 

„Сите мерки кои се покажаа во изминатиот период како успешни мислам дека треба да се повторат, имајќи во предвид дека им помогнаа на граѓаните. Последната мерка можат веднаш да ја пресликаат, таа беше со ограничувањето на маржите до 10% и покажаа дека цените 10% отидоа надолу. Имајќи во предвид дека по завршување на мерката 10% се зголеми вредноста на кошничката во делот за храна и пијалоци покажува дека дале разултат. Не знаеме зошто се чека. Дали чекаат да се зголемат 20%, па потоа кога ќе ги ограничат 10% маржите, да имаат 10% добивка. Веројатно тоа е некоја математика која ние не можеме да ја разбереме, а се потешко можеме да испазариме во маркетите основни прехранбени производи“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Од СДСМ велат животот станува сè потежок, граѓаните имаат сè помалку пари, а илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај.

„И додека народот едвај врзува крај со крај и секојдневно се бори со високите цени, премиерот Мицкоски уште „анализира“. Власта тврдоглаво ги одбива конкретните предлози на СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите. Не може народот да биде на леб и сол и да чека мерки, додека владините функционери се луксузираат и се гоштеваат со папаја и манго. Не требаат „анализи“ и промашени мерки со „кошнички“. Владата има готови предлози од СДСМ – нека ги реализира: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори“ - Ема Нешковска, СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ, пак, вратија дека Владата води грижа и носи политики за поддршка на стопанството и граѓаните.

„Во правец на подобрување и зачувување на стандардот на граѓаните активна е кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, а како најнова мерка Владата ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало. Исто така, вчера се потпиша колективен договор за 20% покачување на платите на сите вработени во јавните установи за социјална заштита.

Претходно беа зголемени платите и во полицијата, здравството, образованието, културата, администрацијата, а секако, беа и повторно ќе бидат зголемени пензиите на над 330 илјади пензионери, за вкупно седум илјади денари“, се вели меѓудругото во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.