Последен школски ден за учебната година 2024/25
За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден од учебната 2024/2025 година и до 31 август ќе бидат на летен распуст.
За матурантите наставата заврши на 16 мај, а утре (11 јуни) ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура. Првиот дел – задолжителниот испит по мајчин јазик, над 15 000 матуранти го полагаа на 31 мај. Полуматурантите, пак, овој месец треба да се запишуваат во прва година средно образование.
Во јуни ќе има две електронски пријавувања на учениците. Според Конкурсот на МОН, првото ќе биде од 00:00 часот на 14 јуни до 23:59 часот на 17 јуни, а доставувањето на потребната документација до училиштата - на 18 јуни и 19 јуни. Второто пријавување во јунскиот рок ќе се врши на 30 јуни, а документите ќе ги доставуваат следниот ден, 1 јули.