Бизнис
1. јуни 2022 - 17:42

Поскапеа горивата и храната - граѓаните загрижени

Цените на храната и горивата рушат рекорди откако престана важноста на владините антикризни мерки. По вчерашниот драстичен раст на цените на горивата, Регулаторната комисија за енергетика одново ги поскапува, овој пат за најмногу 3 денари. Од полноќ дизелот ќе се продава за 97,5 денари, литар Еуросупер-95 ќе чини 107 денари, а новата цена на Еуросупер-98 е 109 денари.

Поскапеа и сите основни прехранбени производи кои до сега беа ослободени од данок и се продаваа со ограничени маржи. Лебот и брашното поскапеа за 5 до 6 денари, цената на шеќерот се движи меѓу 52 и 60 денари, а маслото за јадење повторно значајно поскапе и сега неговата цена некаде надминува 160 денари. Покачени се цените и на млекото, јајцата, оризот.

Граѓаните велат дека веќе се навикнале на секојдневни поскапувања и покрај антикризните мерки и не се изненадени од новите ценовни скокови но, нивната трпеза е сè посиромашна.

Мелничко-пекарската индустрија бара државата да го забрани извозот на житни култури за да нема дополнителни поскапувања на лебот и брашното.

Производителите на масло за јадење велат дека ова поскапување е резултат единствено на укинатите антикризни мерки и не очекуваат цените дополнително да растат.

Покачувањето на цените на горивата неминовно ќе го поскапи транспортот, што може да биде причина за дополнителен раст на цените и на многу други производи и услуги.