Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Михаил Кавелашвили избран за претседател на Грузија
Поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили денеска е избран за нов претседател на Грузија.
Кавелашвили лесно ги доби гласовите бидејќи владејачката партија Грузиски сон го контролира 300-члениот изборен колеџ што ги замени директните претседателски избори во 2017 година.
Кавелашвили беше напаѓач на Манчестер Сити и неколку клубови од швајцарската Суперлига.
Тој беше избран за пратеник во парламентот во 2016 година на листата на Грузискиот сон, а во 2022 година беше ко-основач на политичкото движење „Моќта на народот“, кое е во сојуз со Грузискиот сон и стана познато по силната антизападна реторика.
Грузиски сон ја задржа контролата врз парламентот по изборите на 26 октомври за кои опозицијата тврди дека биле наместени со помош на Москва.
Грузиската претседателка во заминување Саломе Зурабишвили и главните прозападни партии оттогаш го бојкотираа парламентот и побараа повторување на гласањето.
Грузиски сон вети дека ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ, но исто така сака да ги „ресетира“ врските со Русија.
Критичарите го обвинуваат Грузиски сон, основан од Биџина Иванишвили, милијардер кој се збогатил во Русија, дека станува се поавторитарен, обвинение кое владејачката партија го негира.
Саломе Зурабишвили е претседателка од 2018 година и вети дека ќе остане на функцијата и по истекот на нејзиниот шестгодишен мандат во понеделник, опишувајќи се себеси како единствениот легитимен лидер до одржувањето на новите избори.
ЕУ, која ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, под услов земјата да ги исполни критериумите, го стави во мирување нејзиното пристапување и ја прекина финансиската поддршка во јуни по усвојувањето на законот за „странско влијание“.
Илјадници демонстранти се собираат секоја вечер пред зградата на парламентот, откако владата најави прекин на преговорите за пристапување во ЕУ на 28 ноември.
Ново на Сител
-
МВР откри терористичка ќелија која организирала напади во Македонија и регионот
-
Од денеска во маркетите над 800 производи се со намалени цени
-
Германија и Словенија со нон пејпер бараат да се укине можноста за вето поради билатерални прашања
-
Годишнина од формирањето на Движењето ЗНАМ
-
Информативната редакција на Сител со Роберт Поповски
-
30 години информативна редакција на Сител со Зоран Иванов
-
30 години информативна редакција на Сител со Васко Ефтов
-
Интервју со Ели Пешева