Свет
5. April 2017 - 14:55

Поранешен советник на Трамп „предавал документи“ на руски разузнавач

Картер Пеиџ, поранешен советник на Доналд Трамп, во времето пред да биде избран за претседател на САД, му предавал документи за американската енергетска индустрија, на еден руски разузнавач, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на материјали на државното обвинителство.

Пеиџ беше поранешен советник за надворешна политика на Трамп, во текот на предизборната кампања, кој се среќавал со Русинот Виктор Подобни, за кого американските безбедносни власти веќе од 2015 година, имале сознанија дека е разузнавачки оперативец на Русија во Америка.

Подобни заедно со Игор Споришев и Евгениј Бурјаков од американското ФБИ се означени како „руска (шпионска) тројка“.

Во март минатата година, тројцата разузнавачи биле прогласени за виновни од еден американски суд, но додека Подобни и Споришев претходно заминале од САД, третиот - Бурјаков останал, па бил уапсен и осуден на 30 месеци затвор.

Приближно во исто време Трамп го претставил Картер Пеиџ како еден од петмината свои советници за надворешна политика, на средбата што ја имал во редакцијата на „Вашингтон Пост„ како кандидат за номинација на Републиканската партија.

Пеиџ претходно има работено како енергетски консултант во Њујорк, но американското обвинителство, на кое се повикуваат медиумите во САД има документирани сознанија дека рускиот шпион Подобни се обидувал да го врбува за да работи за потребите на СВР.

Американецот и Русинот се среќавале 2,5 години пред Трамп да го прифати Пеиџ како свој советник во изборната кампања, но ФБИ и истрагата имаат препис од разговорите на Подобни и другиот руски шпион Споришев, во кој се зборува за „консултантот од Њујорк“.

Картер Пеиџ веќе има признаено дека одржувал редовни средби со Русинот и дека му покажувал материјали за енергетските работи, но се бранел дека тоа што Подобни го гледал биле „обични документи и показатели“ за истражувачките работи во енергетскиот сектор.

Уште додека Трамп не беше избран за претседател, неговиот тим се обидуваше да се огради од Пеиџ, тврдејќи дека тој „немал формална советничка улога“.

Белата куќа сега инсистира дека претседателот Трамп „нема никаква комуникација“ со Картер Пеиџ.