Свет
15. December 2019 - 21:46

Поради бомба од 200 килограми евакуиран половина град: Градежници ја нашле додека реновирале кино во Бриндизи

Повеќе од половина од жителите на италијанскиот град Бриндизи, околу 54.000 жители, се евакуирани денеска за да се деактивира британска бомба, веројатно од 1941 година, во најголемата операција од тој тип во Италија по Втората светска војна.

Бомбата долга метар и тешка повеќе од 200 килограми е пронајдена на 2. ноември во текот на работите за реновирање на кино сала и оштетена е со градежна машина.

Жителите се евакуирани во радиус од над километар ипол од местото каде е пронајдена бомбата, додека во радиус од 500 метри е исклучен гасот.

Додека деминерите работат и воздушниот сообраќај и железницата исто така ќе бидат во прекин во таа зона.

Над 1.000 припадници на силите за безбедност и 250 волонтери од Цивилната заштита учествуваат во таа операција.

Според агенцијата АГИ, евакуацијата на повеќе од половина од жителите на овој град, во кој живеат околу 87.000 жители, почна со префрлувањето на 217 затвореници од локалниот затвор во други затвори.

Операцијата треба да заврши денеска, наведоа локалните официјални лица.