Македонија
24. August 2015 - 18:18

Попоски-Курц: Потребен е заеднички одговор за кризата со мигрантите

Потребен е единствен, заеднички одговор за надминување на кризата со мигрантите бидејќи ниту една земја нема капацитет сама да се справи со овој проблем, оценија денеска во Скопје македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и неговиот австриски колега Себастијан Курц, кој престојува во посета на Македонија.

Според австрискиот министер, не треба да се остават сами Македонија и Србија во надминувањето на проблемот, иако тие не се членки на Европската унија. 

- Со оваа моја денешна посета би сакал да придонесам и да го поттикнам Брисел да размислува да не ги остави Македонија и Србија сами со проблемот и да им помогне. Многу е проблематично што бегалци од држава на Европската унија, односно од Грција влегуваат во држава која не е членка на ЕУ. Во ЕУ создадовме систем без граници кој подразбира надворешните граници на ЕУ да се обезбедени, а сега се случува Грција да ги пропушта мигрантите кон Македонија што не е прифатливо. Затоа апелирам на поголема, зајакната соработка на ЕУ со Грција и на Грција со Македонија, истакна Курц.

Тој додаде дека денеска иницирал одржување на посебен самит на министрите за надворешни работи во Брисел за да се добијат одговори за кризата со мигрантите.

Најави дека за проблемот со мигрантите ќе се разговара на конференцијата за Западен Балкан што ќе се одржи в четврток во Виена. 

Австрискиот министер смета дека мигрантите треба што поправедно да се распределат во земјите од ЕУ и да се формираат заштитни зони кои би нуделе можност за поднесување барањата за азил во самите држави од каде потекнуваат мигрантите. 

Македонскиот министер за надворешни работи уште еднаш апелираше Македонија да биде третирана како земја членка на ЕУ во надминувањето на проблемот со мигрантите.

- Вкупно 80 илјади евра по сите основи се влеани кај нас на ниво на помош за бегалската криза. Тоа се трошоци кои веројатно на дневна основа се трошат во Македонија за ангажирање на сите капацитети. Сумите кои би ни биле потребни би требало да бидат во милиони евра. Македонија го носи на свој грб овој проблем кој има поголеми димензии, рече Попоски.

Прашан за сликите во медиумите од растерувањето на мигрантите на границата, Курц рече дека има многу шокантни слики од мигранти, но оти не треба да се вперува прстот само кон една земја. 

Попоски оцени дека неоправдано е нарушен угледот на Македонија бидејќи како држава вложува вонсериски напори за да се соочи со проблем со кој многу помоќни држави имаат потешкотии да се справат.

- Токму затоа упативме апел дека е неопходен сеопфатен одговор. Разговорот кој го имавме денеска  со австрискиот колега обезбедува некаква сигурност дека на европско ниво ќе имаме определено будење за големината на проблемот и ќе се насочиме кон помош на опние кои се на прва линија. Македонија во многу наврати досега има покажано колку е хумана и колку има капацитет да згрижува луѓе кои имаат потешкотии, нагласи Попоски.

За нас, додаде Попоски, најлесно е да се пуштат мигрантите да поминат, но со тоа само се префрла топката, а тоа не е решение за проблемот. Потребни се, вели Попоски, конкретни мерки. Тов веќе разговарал со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, а наскоро очекува да има контакт и со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.