Македонија
4. March 2016 - 11:20

Попоски ја повика Грција да ги отстрани илјадниците мигранти од границата

Министерот за надворешни работи Никола Попоски ја повика Грција да ги отстрани илјадниците баратели на азил кои веќе со денови кампуваат на граничниот премин кај Гевгелија. Во интервју за Асошиејтед прес, Попоски вели дека ова би било пред се во интерес на самите мигранти, кои треба да бидат сместени во соодветни центри.

- Ова што го имаме сега не е решение. Доколку навистина се грижите за тие луѓе, треба да бидат сместени во прифатни центри кои се оспособени да примат толку голем број на луѓе, вели Попоски, прашан за импровизираниот камп на грчката страна на преминот Богородица - Идомени, каде се проценува дека над 10.000 луѓе чекаат за влез во Македонија.

Грчките власти бараат Македонија одново да ги отвори границите за непречено минување на мигрантите, но Попоски вели дека тоа ќе зависи од одлуките на другите држави на Балканската рута, северно од Македонија. Попоски додава дека земјите кои ги примаат мигрантите и другите транзитни држави неизбежно ќе воведат построги рестрикции на бројот на мигранти.

- Ние чекаме да ни бидат кажани бројките на мигранти кои ќе бидат примени во земјите кои се нивни одредишта, и тоа ги определува дневните квоти на мигранти кои можат да влезат на македонска територија, истакнува Попоски.

Во интервју за Си-Ен-Ен, пак, министерот Попоски вели дека постои консензус во Европа околу тоа дека бројот на мигранти мора да биде намален, и дека мора да има прераспределување на мигранти низ членските на Европската Унија, но дека ова се уште не се случува.

- Во моментов, најдоброто решение е да и се помогне на Грција во тешката ситуација во која се наоѓа, и да се работи со Турција за да се ограничи бројот на лица кои пристигнуваат во Европа. Мислам дека пораката на претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск беше јасна - дека тоа што се случуваше во 2015 година нема да се случи повторно во 2016 година, изјави Попоски за Си-Ен-Ен.

Според Попоски, упатувањето на пораката од страна на Туск дека само легитимни баратели на азил кои се бегалци од војната во Сирија можат да добијат засолниште во Европа ќе придонесе кон тоа да се намали притисокот врз надворешната морска граница на Грција, и да се забави и запре текот на мигрантите.

- Македонија е транзитна земја. Ние видовме стотици илјади мигранти кои доаѓаат преку Грција, минуваат низ Македонија и се упатуваат кон Германија, Австрија и другите западно-европски држави. Јасно е дека овие земји, кои примија голем број мигранти во текот на минатата година, сега воведуваат одредени ограничувања. Има ограничување на нивниот капацитет да апсорбираат дополнителни мигранти. Целта сега е да се запре илегалната миграција и да се обезбеди дека сите што излегуваат од Грција навистина имаат право да бараат азил. Бројот на мигранти кои ќе влезат во Македонија ќе зависи од бројот што западно-европските држави се подготвени да го примат, додава Попоски.