Македонија
27. October 2022 - 16:44

Помошта од ЕУ е добредојдена, средствата мора правилно да се искористат

Добар чекор напред во зајакнување на кредибилитетот на ЕУ, кој е сериозно разнишан во регионот. Аналитичарите во позитивен тон ја оценуваат финансиската помош од Унијата, наменета за справување со последиците од енергетската криза.

“Порамнувањето со европската надворешна политика што значи санкции кон Русија, има сериозен импакт врз нашата економија. Како земја која во голем дел и недостига финансиска поддршка преку располживите механизми кои ЕУ ги има за нејзините земји членки, треба и понатаму во иднина да бараме компензација и да се охрабриме да развиеме капацитети да бараме компензација, заради тоа што сме во линија со ЕУ на теми кои понекогаш по нас имаат штета. Финансиска, не политичка”

Како ќе бидат трошени 80-те милиони евра кои Македонија ги добива во јануари засега не се знае. Секоја помош е добредојдена, па така и оваа велат експертите, но таа мора да се искористи правилно.

“Сите финансиски средства што ќе пристигнат во Македонија во делот за енергетика треба да бидат наменети за изградба на нови капацитети како Чебрен и Галиште и не смееме да дозволиме да бидат погрешно инвестирани во друго нешто. Значи мораме многу добро да најдеме начин како тие средства да ги насочиме и да извлечеме максимум за енергетскиот сектор”

Премиерот Ковачевски изјави дека 80-те милиони евра ќе одат директно во буџетот и со нив ќе треба да ги поминеме најтешките месеци, односно јануари, февруари и март.

Ова нема да биде единствена помош за Македонија. Земјава ќе очекува и дел од 500 милиони евра од ЕУ наменети за регионот, со кои треба да се намали зависноста од руските енергенси.