Бизнис
14. October 2016 - 20:08

Полски туроператори разгледуваат можност за чартер лет Охрид - Варшава

Полски туроператори ја разгледуваат Македонија како туристичка дестинација и можно е догодина за првпат да се воспостави авиоврска меѓу Македонија и Полска, односно Охрид и Варшава.

Менаџментот на ТАВ вели дека компанијата чиј основен бизнис е оперирање со аеродромите, всушност активно е инволвирана во промоција на Македонија бидејќи турзимот носи развој и на авиосообраќајот.

- За време на овој месец уште еден полски тур-оператор кој работи во цела Европа ќе ја посети Македонија на наша покана со истата цел, да ги вклучи Охрид и Македонија во нивните аранжмани. Неодамна, француски оператори ја посетија Македонија и Охрид на наша покана од истата причина. ТАВ Аеродроми е во комуникација со други тур-оператори со цел да го зголеми бројот на летови и авиосообраќајот на Охридскиот аеродром, вели  Алпер Ерсој, заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.

Најмногу дојдовен сообраќај во Македонија има од Истанбул што кореспондира и со статистичките податоци дека Турците се најбројни туристи во Македонија.

Од големо значење за концесинериот е соработката со државата која нуди субвенции за воспоставување нискобуџетни авиолинии, а честопати туроператорите Македонија ја откриваат кога преговараат за друга дестинација каде што оперира холдингот.

- На пример, знаете дека Томас Кук почна да лета за Охрид од ова лето. Ние ги убедивме да го посетат Охрид додека преговаравме за летови кон Бодрум. Бевме нивни домаќини во Македонија и им покажавме дека Македонија може да им понуди на нивните муштерии туристичка дестинација. Истото се случи со Аркиа Израели Ерлајнс. Ги убедивме да дојдат во Македонија додека дискутиравме за летови кон Батуми, Грузија. Нашиот маркетинг тим постојано е присутен на меѓународни туристички саеми и конференции за туризам и авиосообраќај и ги промовира земјите и градовите каде што операрираме со аеродроми, вели Ерсој.

Македонските аеродорми бележат континуиран раст на бројот на патници кој на годишно ниво често е и највисок во регионот. Во 9 месеци од оваа година се зголемил за 17 проценти. Месецов ќе се воспостави линија до Хановер, а догодина до Катар.