Бизнис
1. November 2016 - 13:08

Половина од млекопроизводителите од Кривопаланечко поднеле барања за субвенции

На само пет дена до истекот на рокот за поднесување барања за субвенции за произведено и предадено млеко, речиси педесет отсто од млекопроизводителите од Крива Паланка и Ранковце поднеле барања за финансиска помош до Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството од Крива Паланка.

Рокот за поднесување барања за субвенции се однесува на произведено и ппедадено млеко во млекарниците во периодот од 1 мај до 30 септември 2016 година.

-Околу 50 млекопроизводители од вкупно регистрираните 100 од двете општини веќе поднесоа барања, додека останатите се очекува тоа да го сторат во текот на претстојните денови. Рокот за поднесување барања истекува на 5. месецов, а единствен потребен документ за остварување на ова право е потврда за предадено млеко во млекарниците, информира Ватко Ристовски, соработник во Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството од Крива Паланка.

Барањата може да се поднесат во просториите на Агенцијата во Крива Паланка, како и во канцеларијата во општина Ранковце.

Субвенциите за предадено млеко во млекарниците изнесуваат 3,5 денари по литар.