Македонија
31. December 2025 - 16:34

Половина буџет оди во чинија: Македонецот изел 170 килограми леб, а само килограм и пол цреши

Половина од заработката на едно македонско домаќинство оди во стомак. Според податоците на Државниот завод за статистика лани просечно семејство потрошило речиси 160 илјади денари само на храна и безалкохолни пијалаци. Тоа е повеќе од половина од вкупниот буџет наменет за лична потрошувачка.

Во просек на семејната трпеза имало по околу 25 килограми тестенини и ориз, млеко – 73,4 литри, 32,4 килограми сирење, 609 јајца, но и чоколади и кекси со тежина од 22,7 килограми.

Од зеленчук во просек се јадело по 33 килограми домати, 30,4 килограми пипер, 29,5 килограми зелка и 19,2 килограми краставици

Од овошје најмногу се јадело јужно 70,2 килограми, потоа бостан 33,5 килограми и јаболка 31,4 килограми. Црешите беа скапи годинава па едно семејство во просек изело само 1,5 килограм.

Од месо најмногу на домашната трпеза имало живина 45,6 килограми, потоа свинско 23,6 килограми,околу 17 килограми говедско и телешко и половина килограм јагнешко.

Во просек секое семејство изело и по 16 килограми риба. Од алкохол најмногу се трошело пиво, во просек по 28 литри на домаќинство, 4,6 литри вино и речиси 2 литра жесток алкохол.

Статистиката открива и еден поразителен парадокс. Граѓаните трошеле повеќе за тутун и алкохол (околу 18.600 денари), отколку за здравје, рекреација и образование заедно. За култура и рекреација се одвојувале скромни 1,2 проценти од буџетот, а за образование речиси ништо само 0,2 отсто.

Просечното македонско домаќинство има три члена, од кои само еден е вработен. Најголем дел од приходите доаѓаат од плата и пензија, а штедењето е речиси непостоечка категорија. Податоците покажуваат дека домаќинствата успеваат да заштедат едвај 0,5 проценти од своите средства, додека остатокот веднаш се прелива во тековни трошоци и отплата на кредити.

Податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување на Државниот завод за статистика спроведено на 5040 домаќинства.