Политичкиот притисок врз ССМ ќе се одрази во извештајот за напредокот на Македонија
Битката за повисока минимална плата во Македонија е легитимна и праведна, рече Теа Јарц од Европската конфедерација на синдикати. Ова е најголемата синдикална организација во Европа со 45 милиони членови и Јарц најави дека ќе ја информира Европската комисија за политичките притисоци врз ССМ. Тоа, според неа, ќе се одрази на извештајот за напредокот на Македонија.
„Да се биде синдикалец е човеково право и право на работниците. Никој не смее да биде напаѓан поради тоа. Особено во земјите во процесот на прошување кои преговараат за да се зачленат во ЕУ. Тие мора да дадат одговор на тие прашања. Ние сме во контакт со Европската Комисија која секоја година објавува извештај за напредокот и во тој извештај ние ја известуваме ЕК за тоа каква е состојбата со социјалниот дијалог. Ако социјалниот дијалог не се почитува во тие земји, ние тоа го пријавуваме до ЕК и тоа ќе биде отсликано во извештајот за напредокот. Од тој извештај зависи како ќе напредува земјата кон ЕУ и кои финансии ќе ги добие за поддршка на реформите“ - Теа Јарц, Секретар на Европската конфедерација на синдикатите
Премиерот, пак, е на став дека треба да се чујат сите страни, па потоа да се носи заклучок.
„Би било незрело, само врз основа на еднострана информација да носат заклучоци. Јас би ги советувал да ги слушнат сите страни, аргументите на сите страни и тогаш да зборуваме за заклучоците. Доколку е еднострана информацијата, а сигурен сум дека високите претставници на ЕК ќе сакаат да ја слушнат и втората страна, тогаш дебатата и заклучоците би биле поинакви“ – Христијан Мицкоски, премиер
Ова следи по состанокот на ССМ со ЕКС и повеќе синдикати од регионот. Сите изразија поддршка за зголемување на минималецот.
„Минималната плата во Македонија, за жал, според информациите кои ги добивме на денешниот состанок е навистина ниска. 365 евра изнесува денеска и само со законското усогласување би се издигнала на 395 евра со што повторно би била најниска во целиот регион, што се плашиме, како ССМ, дека ќе доведе до и те како забрзано иселување на квалификуваните работници“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
ССМ бара најниската плата да биде 30 илјади денари. Предложија покрај законското усогласување од околу 2 илјади денари, да има зголемување за дополнителни 6 илјади за кои придонесите ќе ги плати државата во период од една година. Ваквиот предлог Владата го одби.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар