Политички реакции по првиот круг во Брвеница
Премиерот задоволен, СДСМ на пола, албанскиот блок влече кон етничко гласање. Заврши првиот изборен круг во Брвеница.
И покрај очекувањата на премиерот, поразениот кандидат на коалициониот партнер Вреди првата врата што ја отвори по изборите беше онаа во штабот на ДУИ ветувајќи им поддршка во вториот круг
ВРЕДИ е најголемиот губитник на вонредните избори во Брвеница откако во период од точно една година, во општина во која гласаат околу 7.500 луѓе изгуби над 500 гласа. Во такви услови ДУИ вчера славеше влез во вториот круг откако се дуплираше меѓу двете гласања и своето конто го зголеми за речи си 1000 гласа.
„Пласманот во вториот круг е доказ за поддршката од граѓаните и за важноста на континуираниот ангажман за достоинствено претставување, локален развој и институции што им служат на сите граѓани, без разлика на нивната припадност.“
На Брвеница ѝ е потребна општина во која гласот на секој граѓанин ќе биде слушнат, во која инвестициите и услугите ќе се распределуваат рамноправно и во која соживотот ќе се гради врз основа на почитување и еднаквост.“ – се вели во соопштението на ДУИ.
Задоволни беа и во СДСМ но не од својот туку од резултатот на ВМРО-ДПМНЕ. Фактот дека беа последна партија и освоија само 700 гласа за нив е охрабрувачки, бидејќи како што пресметаа од партијата, во однос на изборите лани кога имаа под 500 гласа, тоа е раст од речи си 50%. Обвинија за изборни нерегуларности и побараа реакција од надлежните.
Сите останати се борат за да победат само Филипче слави и кога губи, реагираше платформата за реформи на Бихаќка.
„Жалиме што СДСМ во Брвеница има повеќе гласови само од двајца независни кандидати што е уште една потврда во каква агонија е партијата со ова дезориентирано раководство. Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025, а во исто време го премолчуваат фактот дека кандидатот има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои советничката листа на СДСМ пред една година“ – реагираше иницијативата за реформи во СДСМ јавно прашувајќи што уште треба да му се случи на СДСМ за Филипче да си замине.
Вториот круг од вонредните избори за градоначалник на Брвеница се закажани за 1 ноември. Тие доаѓаат по ненадејната смрт на градоначлникот кој беше избран пред само 1 година.
Дел од помалите албански партии уште отсега повикуваат на етничко гласање, ситуација која според актуелните бројки би донела неизвесна изборна ноќ во која изборите веројатно ќе ги решат гласачи кои во првиот круг, решиле да не гласаат.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
