Македонија
16. October 2020 - 20:15

Политичарите најавуваат компромис, но и за него Софија има услови

Историчарите се професионалци, но политичарите не смеат да се исклучат од исклучително важниот процес на пристапување на Македонија кон ЕУ. Пораката за време на дводневната средба на мешовитата комисија во Скопје ја испрати бугарскиот претседател Радев.

Крајната одлука за Македонија сепак ќе биде во рацете на политичарите, а одговорноста, според Радев, лежи во земјата која сака да се приклучи во Унијата.

“Крајно време е да се најде политичко решение кое ќе ги потврди сите принципи на добрососедство, на добри меѓусебни односи, на почитување на историјата и на почитување на нашиот идентиет и јазик. Се разбира, тоа е пред се одговорност на земјата кандидат”

Евроинтеграциите немаат план Б, ќе успееме во намерата да ги поченеме преговорите во декември – оптимист е премиерот Заев. Во очекување на точен термин за негова средба со бугарскиот колега Борисов, Заев е уверен дека има доволно време да се решат сите отворени прашања, вклучително и оние најтешките.

“Не сакам да разговарам за план Б, јас верувам дека ќе успееме. Според мене, ако ме прашате, да го немаше Гоце Делчев ќе требаше да го измислиме за да биде мост на пријателство меѓу двете земји. Едноставно да ги гледаме работите. Верувам дека ќе бидеме паметни, беш европејци со европски дух, за да можеме да изнаоѓаме мудри решенија, да продолжиме да си помагаме и да одиме напред”

На почетокот на ноември премиерот Заев заминува за Софија во рамките на македонско-бугарското претседавање со Берлинскиот процес, каде што се надева дека во директниот разговор со Борисов ќе бидат надмини сите недозразбирања.