Македонија
18. July 2019 - 16:28

Поликлиниките во Аеродром и Ченто место каде зависниците ќе ја примаат метадонската терапија

Во пунктови во поликлиниките Јане Сандански и Ченто од септември зависници ќе земаат метадонска терапија. Министерот за здравство во изјава за Сител потврди дека со дисперзијата што ја прават,  во Центарот за зависности во Кисела Вода ќе останат само мал број на корисници на метадон и не очекуваат проблеми со локалното население. Четвртата локација ќе биде во болницата во Бардовци.

-Се спремаат пунктовите во Јане Сандански и во Ченто во владение на психијатриската болница во Бардовци која е надлежна за Центарот. Дел ќе бидат и во самата болница во Бардовци. Се спрема распределбата на кадарот од самиот Центар. Мал број нема да се осети во средината каде ќе ја земаат терапијата, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче вели дека дисперзијата нема да биде само земање на метадон на повеќе локации туку и рехабилитација на самите корисници за што преговараат со Клиниката за психијатрија.

-Ќе најдеме решение со Психијатрија, дополнително, со буџетот за следната година ќе воведеме и нов тип на терапија не само класичниот метадон, во светот има друг вид терапија, вели Филипче.

Здравствените власти признаваат дека Центарот во Кисела Вода нема капацитет за повеќе од 500 зависници колку што ги има сега. Жителите од оваа општина со месеци протестираат за негова дислокација бидејќи на секое ќоше во населбата има шприцеви и игли. Улици блокираа и граѓани во Гази Баба, по најавите дека Центарот ќе биде дислоциран во поранешната фабрика МЗТ.