Полицискиот час нов удар врз бизнисот
Сашо Стојанов веќе 20 години е пекар. Неговото работно време започнува на полноќ, а некогаш трае и повеќе од 12 часа. За да дојде на работа во услови на полициски час мора да има дозвола за движење.
„Ние доаѓаме навечер, околу 12 часот и додека не завршиме, немаме некое константно работно време. Па за време на полициски час вадевме дозволи. Едно време не работевме на почетокот на епидемијава. После тоа почнавме од мај, извадивме дозвола, без проблеми почнавме да функционираме. А инаку, работата е намалена и без разлика на полицискиот час. Не е тоа што било претходно. Луѓево се исплашени, беспарица е, секој сврзува крај со крај”, вели пекарот Сашо Стојанов.
Но, движењето во време на полициски час има и своја негативна страна. За работниците кои вообичаено користат јавен превоз претставува дополнителен трошок.
„Нормално дека тие што се без кола дека поголеми им се трошоците. Мора со такси да одат до работа”, вели Стојанов.
ЈСП ги објави новите термини за автобуските линии. Последните автобуси тргнуваат во 21:30 часот.
Од вечерва повторно стапува во сила полициски час, кој ќе трае од 22 часот до 5 наутро. За извршување на работните обврски во време на полициски час ќе важат истите дозволи кои вработените ги имаа лани, а нови може да се добијат преку uslugi.gov.mk.
Физичките лица не смеат да се движат за приватни потреби, освен во случаи кои се итни (медицинска грижа, аеродром, меѓународен превоз на патници), за што мора да се најават на 192 во МВР.
Во главниот град ќе има 5 дежирни аптеки, а во другите градови ќе работат по телефонски повик од лекарски тим.
На граничните премини ќе може да влезат тие кои ја напуштиле земјава пред воведувањето полициски час, а дозволен е и три часа транзит низ земјава.
Казните за непочитување на полицискиот час за правните лица достигнуваат до 500.000 евра, а за граѓаните вообичаено се изрекува паричка казна од околу 1.000 евра или затвор до една година.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
