Полицијата во Њујорк застрела жена која претходно со ножеви нападнала две лица на „Тајмс сквер“

Полицијата во Њујорк застрела 49-годишна жена која претходно со два ножа нападнала две лица на „Тајмс сквер“, при што убиена е 32-годишна жена, а 68-годишен маж е ранет. Напаѓачката им подлегнала на раните во болница, соопшти њујоршката полиција.
Нападот се случил вчера попладнето околу 16:30 часот по локално време, во близина на станица на њујоршката полиција на „Тајмс сквер“. Според полицијата, 49-годишна жителка на Квинс извадила два ножа од торба и прво прободела 68-годишен маж додека чекал на крстосница.
Дваесетина секунди подоцна, напаѓачката продолжила кон 42-та улица и со нож нападнала 32-годишната жена, нанесувајќи и убодни рани во пределот на стомакот. Двете жртви на нападот биле пренесени во болница, каде што 32-годишната жена починала.
При интервенцијата полицајците прво се обидувале да ја убедат жената да ги фрли ножевите. Напаѓачката одбивала да се разоружа и им се заканувала на полицајците. Полицијата употребила електрошокери, но тие не успеале да ја совладаат. Жената продолжила да се движи кон полицајците со ножевите во рацете, по што двајца полицајци пукале во неа. Таа била пренесена во болница, каде што починала.
Началничката на њујоршката полиција, комесарката Џесика Тиш, го опиша нападот како случаен и непредизвикан. Таа соопшти дека напаѓачката имала историја на проблеми со менталното здравје, но не била претходно апсена.
Полицијата засега не го соопштува идентитетот на жртвите. Истрагата за мотивот на нападот е во тек, но засега нема индикации дека се работи за акт поврзан со тероризам.
„Тајмс сквер“ е една од најпознатите туристички атракции во Њујорк и се наоѓа во срцето на Менхетен.
МИА
Ново на Сител
-

Пријавени три жени кои си ги тепале мажите во Центар, Велес и Берово
-

Кумановец загина откако со автомобил излета од патот
-

Пукаа од мотор кон група луѓе: Двајца осомничени за убиството на 26-годишниот скопјанец на „Пластичарска“
-

Мицкоски: Ако опозицијата поднесе барање во Парламент за избори, ќе прифатиме и ќе ги победиме
-

Средношколец во Загреб избоде соученик и хигиеничарка
-

Трето државно квиз првенство
-

Мицкоски за укинувањето на пресудата за „Ласкарци“: Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода
-

Голема акција на МВР: Претреси на дваесетина локации поради фалсификувани возачки дозволи
