Македонија
8. August 2024 - 16:38

Полицијата уапси 50 годишник од Чашка бидејќи го предизвикал пожарот во селото Папрадиште

50 - годишен жител од Чашка е уапсен поради сомнение дека завчера го предизвикал пожарот во околината на селото Папрадиште. Тој во полициска станица го признал делото, а МВР му поднесе кривична пријава до обвинителството за “предизвикување општа опасност”. Овој пожар беснее веќе втор ден, гори ниска вегетација и млади насади од шума, а службите се уште не можат да го стават под контрола. Се дејствува и од воздух со 2-та ер трактори од Кипар.

- Кои стигнаа доцна попледне вчера и од денес веќе се ставени во функција, изјави Стојанче Анѓелов, директор на ЦУК.

Со помош од Унгарија од хеликоптер и 40-тина пожарникари се дејствува и на пожарот во околината на Македонски Брод, кој е активен веќе 20 тина дена, а го зафати и ловиштето Јасен. Во моментот критична е состојбата и на 7 други локации каде има активни пожари во Охридско, Демир Хисар, Петровец - Скопско, а огнот синоќа ги вознемирил и жителите во викенд населбата над Катлановска Бања.

Од ЦУК информираа дека вчера имало дури 40 пожари. 25 биле изгаснати, а 6 се ставени под контрола.

Анѓелов апелира граѓаните да бидат внимателни и да пријават доколку забележат некој намерно да потпалува.

- Веднаш да се јават на 112 доколку се сведоци и виделе лице кое поднетнало или ненамерно предизвикало пожар, вели Анѓелов.

Освен жителот на Чашка, изминатите 3 недели кривични пријави за поднетнување пожари заработија и 6 други лица од Свети Николе, Прилеп, Радовишко.