Македонија
4. February 2023 - 20:02

Полицијата со барикади го ограничи пристапот до црквата Св. Спас, по државните делегации и граѓаните добија можност да оддадат почит

Мирна и без посериозни тензии во текот на целиот ден беше атмосферата на последната точка до која полицијата утрово дозволи да се доближат граѓаните кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев. Рано утрово полицијата целосно го блокираше овој приод и не дозволуваше никој да помине додека пред гробот на Делчев се поклонуваа делегации на Претседателот, Владата и владејачките партии кои до Св. Спас стигнаа по заобиколен пат.
Пред оградите имаше само стотина граѓани се додека на булеварот не се појави опозициската делегација која ја предводеше лидерот Мицкоски.

Во тој момент полицијата почна да ги пушта само оние делегации кои од претходно беа најавени. Секој кој што ја помина оградата беше детално проверен а полицијата користеше и детектори за метал.

Граѓаните беа зачудени од големиот број на полицајци но поголемиот дел од нив имаа разбирање дека редот мора да се одржи.

Нешто пред пладне, луѓето почнаа да си заминуваат па пред оградите имаше повеќе полициски службеници отколку обични граѓани. Атмосферата беше театарска се додека тишината не ја прекинаа скандирањата на навивачката група Комити која придружувана од седумдесетина маскирани полицајци дојде пред оградите. Службите беа организирани. Во групи од по неколку луѓе за кратко време пропуштија стотина навивачи да се поклонат пред Делчев. И навивачите како и останатите граѓани беа мирни. Без тензија и никакви навредливи скандирања се поклонија пред Делчев и си заминаа. Тогаш, полициските службеници ги пропуштија сите граѓани кои во тој момент се најдоа пред оградите.