Балкан
16. јуни 2018 - 13:09

Полицијата се уште го бара за да го уапси пратеникот од Златна зора

Пратеникот од Златна Зора, Константинос Барбарусис кој вчера од парламентот повика на воен пуч, се уште не е уапсен, а полицијата од доцна синоќа, кога успеал со автомобил да им побегне, уште трага по него, јави дописничката на МИА од Атина.

Барбарусис, освен што се гони кривично за велепредавство по изјавата од собраниската говорница, сега се товари и за обид да им побегне на властите, на опасен начин и со ризик да предизвика сообраќајна несреќа.

Имено, според грчката новинска агенција АНА-МПА, пратеникот, за да не биде уапсен, на автопат во Грција, доцна синоќа, не застанал на полицискиот знак и со брзина од околу 180 километри на час, им избегал на полицајците кои што го бркале. До рано утрово траела акцијата за пронаоѓање и апсење на Барбарусис, но без резултат.

Грчките медиуми коментираат дека вчера се одвивала филмска брканица во лоши временски услови.

Како што вчера објави МИА, Константинос Барбарусис, говорејќи од парламентот ја повика војската да ги уапси Ципрас, Каменос и Павлопулос, по што неговата партија беше отстранета од расправата.

И покрај тоа што членовите на пратеничката група на Златна зора, со аплауз го поздравија говорот на Барбарусис, веројатно за да избегнат дополнителни прекршувања на законите (во Грција се уште трае процесот против Златна зора), кусо подоцна тој беше избришан од партијата.

Грчкото обвинителството, по поднесената тужба од министерот за одбрана Панос Каменос и алтернативниот министер за одбрана, Фотис Кувелис, покрена обвинение против Барбарусис за велепредавство и во рамките на законите, тој треба да биде уапси во рок од 48 часа.