Македонија
30. January 2023 - 21:14

Полицијата нема да дозволи дополнителни стражи околу црквата Свети Спас

И покрај најавите од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, полицијата тешко дека ќе им дозволи да стражарат или да патролираат на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас. Добро упатени извори велат дека за церемонијата в сабота, која претседателот на државата ја оцени како настан од висок безбедносен ризик, безбедносните служби се подготвуваат подолг период.

Поради ова може да се очекува големо обезбедување в сабота кое ќе се погрижи сите присутни кои ќе сакаат да му оддадат почит на македонскиот великан, да се однесуваат и да движат според однапред подготвен протокол.

Сепак, најголемата опозициска партија е на ставот дека власта е неспособна, па тие мора да се погрижат за достоинствено празнување на денот на раѓањето на Делчев.

„Дали тоа што високи партиски претставници, патриотски институти на гробот на Гоце Делчев значи дека се подготвени за инциденти?“

-Не напрротив, ние се обидуваме да достоинствено се одбележи празникот и тоа е суштината. Суштината е институциите во Македонија, тука мислам на владата и сите институции под владата немаат капацитет да обезбедат достоинствено празнување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и затоа мора ние како политичка партија во опозиција да се ангажираме, во случајов преку нашиот патриотски институт за да се случи едно достоинствено одбележување иако никаде во светот не е задача на опозицијата да се занимава со ова, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Во меѓувреме, бугарски политичари пред тамошната јавност го разобличуваат случајот „Пендиков“ кој во очите на бугарски политичари и медиуми стана жртва на наводната репресија врз Бугарите во Македонија.

-Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Бугарија треба да ги заштити, пред се, своите државјани. Тоа е македонски државјанин кој себеси сега се опишува како човек со бугарска самосвест. Еден од тие кои го нападнале за таа сметка е бугарски државјанин. Се поставува прашањето зошто не зборуваме за него? Зошто тој има бугарско државјанство? Што правиме за негова контрола? Македонските власти реагираа многу бргу, знаете, министерот за надворешни работи беше тука, вели лидерот на „Продолжуваат промените“, Даниел Лорер.

Пендиков, за кого во Македонија се води и истрага за дрога, беше причина Софија да го повлече својот амбасадор од земјава, Ангел Ангелов, а одредени бугарски политичари да ја заострат реториката кон Македонија со цел да го зголемат својот рејтинг.

Сепак, македонското МНР вечерва потврди дека Ангелов се враќа во Скопје.