Македонија
9. јуни 2025 - 16:48

Полицијата го лиши од слобода струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кој се сомничи за финансиски злоупотреби

Полицијата утрово го лиши од слобода струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кој се сомничи за финансиски злоупотреби кои според првичните проценки го оштетиле државниот буџет за околу 15 милиони евра. Како што информираа од МВР приведувањето на Крмзов било извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Приведувањето го потврдија и од обвинителството, кое соопшти дека покрај Крмзов, приведени се уште две лица поврзани со истиот случај. Засега не се откриваат повеќе  детали, а Обвинителството најави брифинг за утре во 11 часот, каде ќе бидат презентирани подетални информации.

Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК полициски службеници реализираа акција во која е обезбедено лице за кое во септември минатата година беше отворена предистражна постапка. Освен ова лице обезбедени се уште две други лица.  За кривичните дела и дејствијата, обвинителството најавува брифинг за утре во 11 часот.,, стои во соопштението од ОЈО ГОКК

Обвинителството предметот за бизнисменот Крмзов го отвори минатата година откако претходно во септември беа направени претреси на неколку локации низ државата. Според информациите што беа објавени тогаш тој се сомничи  за даночно затајување, даночна измама и перење пари. Неофицијално се работи за мрежа на фиктивни компании и трансакции преку кои се извршувал нелегален поврат на данок на додадена вредност . Во случајот неколку лица беа сослушани, а за Крмзов како мерка за претпазливот му беше одземен пасошот.