Македонија
10. November 2020 - 21:20

Покрај интелектуалци во Бугарија и политички партии против ветото за Македонија

Дијалогот меѓу Скопје и Софија подигнат на ново ниво, тврди бугарскиот вицепремер Каракачанов. Во отсуство на официјални инфомации од денешните преговори во Софија водени на највисоко ниво, Каракачанов доцна попладнево изјави дека Бугарија пред македонската делегација ги повторила своите тврди позиции.

Нема компромис со прашањата поврзани со бугарската историја и идентитет, било потенцирано на неколкучасовната средба. За тоа што ќе се случува во наредните денови одлучува Скопје, посочува бугарскиот министер.

Во меѓувреме кај нашиот источен сосед нова интелектуална струја блокадата за Македонија. По првпат, тоа е една политичка партија. Новоформираната “Републиканци за Бугарија”, водена од поранешниот потпретседател на ГЕРБ и ексминистер за внатрешни работи Цветан Цветанов, со став – ветото ќе биде стратешки неправилно и ќе донесе сериозни и долгорочни последици.

Партијата на Цветанов, кој важи за еден од некогашните најблиски соработници на премиерот Борисов, тврди дека блокадата ќе ги наруши односите меѓу двете пријателски страни и народи. 

Ветото за Македонија има потенцијал да создаде политичка криза во земјата и евентуален пад на Заев, кој силно стои зад Договорот за добрососедство, е ставот на партијата која во Бугарија се смета дека има силна американска поддршка. 

“Би сакале да подвлечеме дека процесот на преговори со Република Северна Македонија ќе биде долг и Бугарија ќе има време да постигне вистински и траен успех во градењето добрососедство и пријателство со нашите соседи и сојузници”, наведуваат од “Републиканци за Бугарија”

Бугарското вето за Македонија денеска доби поддршка и од тамошните академици. Академијата ќе продолжи да ја брани со научни средства историската вистина за минатото на историско-географскиот регион на Македонија, вклучително и бугарската етничка и културна припадност на мнозинството од нејзините жители, соопштија од БАН.