Македонија
28. September 2015 - 18:45

Пограничните општини од Македонија и Бугарија имаат на располагање 7,2 милиони евра европски пари

Заменикот министер за локална самоуправа Љупчо Пренџов денеска ги посети општините Делчево и Пехчево. Со градоначалниците Дарко Шехтански и Игор Поповски, Пренџов разговарал за објавениот јавен повик за проекти за прекугранична соработка со Бугарија, на кој општините можат да аплицираат со свои проекти кои би значеле решавање на приоритетни прашања без оптоварување на општинските буџети.

На општините и на другите потенцијални апликанти од Македонија и од Бугарија на располагање им се 7,2 милиони евра за проекти во три области: заштита на животната средина и приспособување кон климатските промени, поттикнување на развојот на туризмот, културното и природното наследство, како и подобрување на конкурентноста, бизнис средината и развојот на мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции. Јавниот повик за проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија ќе биде отворен до 25 јануари 2016 година.

Пренџов информирал дека до 2020 година Министерството за локална самоуправа ќе менаџира со околу сто милиони евра, средства од Европската Унија и национално кофинансирање, наменети за проекти за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија, Грција и со Косово. Според него јавниот повик со Бугарија е важен и поради воедначената распределба на средствата меѓу Македонија и Бугарија, обезбедени од страна на Европската Унија во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка.

Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански информирал дека општината, јавното претпријатие и трите училишта веќе се подготвени и ќе аплицираат со шест проекти. 

Регулацијата на речното корито е приоритет и за градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски. Општина Пехчево има искуство во реализација на проекти за прекугранична соработка со бугарската општина Симитли и според градоначалникот Поповски, партнерството ќе продолжи и во рамките на актуелниот јавен повик.

Покрај општините на јавниот повик можат да аплицираат и центрите за развој на планските региони, јавни претпријатија, универзитети, средни и основни училишта, детски градинки, домови на култура, музеи, бизнис асоцијации, болници, подрачни единици на министерства, граѓански организации и други непрофитни субјекти од податните региони во Македонија,во партнерство со субјекти од соодветните региони во Бугарија.

За периодот 2014-2020 година во Рамките на Програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија се обезбедени вкупно 20 милиони евра.