Македонија
5. October 2026 - 16:45

Поевтинуваат бензините и дизелот

Дизелот поевтинува за три денари, бензините за денар и пол. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата.

Од полноќ, Еуросупер БС-95 ќе се продава по 98,5 денари за литар. 98-октанскиот ќе чини 100,5 денари, а дизелот ќе се точи по 97 денари.

Пресметавме колку ќе ве чини просечен полн резервоар од 50 литри по новите цени. Ако возите на бензин ќе платите 75 денари помалку. Ако возилото ви е на дизел, тогаш полнење до врв ќе ве чини 4.850 денари, односно 150 денари помалку.

Во сила се владините мерки за скратено ДДВ од 18 на 10% кај дизелот, како и намалена акциза за 4 денари и на дизелот и на бензините. 

„Тие мерки имаат цена“, вели премиерот Мицкоски.

„Цената е отприлика 7 до 8 милијарди денари и затоа, за да се избалансираат сите овие работи, ние ќе правиме ребаланс. Очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата. За нас прв приоритет е стандардот на граѓаните. И во овие тешки услови во светот, кога насекаде имаме жаришта, конфликти и војни од епски размери, се трудиме колку-толку да ја одржиме стабилноста на цените и да го одржиме она што претставува дух на инвестиции, да продолжиме да се развиваме во периодот што следи“, кажа Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Филипче, пак, оцени дека најавениот ребаланс не е последица на мерките, туку на лошото планирање, посочувајќи дека и покрај пониските давачки, приходите од горивата остануваат значителни поради повисоките цени. Предупреди дека буџетскиот недостиг повторно ќе се покрива со задолжување.

„Ако и покрај намалувањето одредено изминатите месеци на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата е зголемена за повеќе од 50%, тоа значи дека и со намалено ДДВ и акциза на поголема влезна цена на горивата, ако не повеќе најмалку исто ќе бил приливот по основна акциза и ДДВ од поскапи горива. Уште една лага на Христијан Мицкоски. Што е вистината? Не е добро испланиран Буџетот“, рече Филипче.

Цените на нафтата паднаа на светските берзи, откако земјите од Г7 одлучија да ослободат 100 милиони барели од своите стратешки резерви. Барел „брент“ се продава за околу 103 долари.

Дополнително, испораките од Блискиот Исток се зголемија и во дел од деновите го надминаа нивото пред војната.

Поголемата понуда го намали стравот од недостиг и привремено го притисна пазарот надолу. Сепак, ризикот од нови напади врз нафтената инфраструктура и бродовите во регионот останува, па затоа цената на суровата нафта и натаму е над 100 долари за барел.