Македонија
20. јуни 2016 - 20:20

Поднесени 12 предлози за раскинување договори за закуп на земјоделско земјиште

Нема да биде дозволено никакво отстапување од договореното при закуп на земјоделско земјиште, соопшти попладнево Државниот инсекторат за земјоделство, изнесувајќи ги најновите бројки од спроведените контроли на терен. 

- Во првите пет месеци од годинава во однос на постапувањето по Законот за земјоделско земјиште  се извршени вкупно 441 инспекциски надзори. Во однос на преземените мерки се изречени 53 решенија, 16 едукации, 22 порамнувања, едно барање за поведување прекршочна постапка и е поднесена една кривична пријава, информира Инспекторатот.

Поради непочитување на обврските од склучените договори за закуп, како и непочитување на одредбите од Законот за земјоделското земјиште, во овој период до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се доставени 12 предлози за раскинување на договорите за површина од околу 279 хектари, 38 ари и  49 метри квадратни.

- За споредба, лани се извршени вкупно 1.368 инспекциски надзори по Законот за земјоделско земјиште. Откако е утврдена состојбата се преземени повеќе мерки и тоа: 117 решенија, 55 едукации, 43 порамнувања, 16 барања за поведување на  прекршочна постапка и поднесени се две кривични пријави. Поради непочитување на обврските од склучените договори за закуп, како и непочитување на одредбите од Законот за земјоделското земјиште во 2015 година до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доставени се 28 предлози за раскинување на договорите за површина од околу 385 хектари,  68 ари  и 15 метри квадратни, наведува Инспекторатот.

Државниот инсекторат за земјоделство, како што подвлекува во соопштението, континуирано ја следи состојбата со земјоделското земјиште и исполнувањето на договорите за закуп на земјоделско земјиште со цел да бидат исклучени девијантни појави.