Поделени ставови во Софија за позициите кон Македонија
Сега не е момент Бугарија да поставува црвени линии. Двете земји треба да имаат допринос за подобрување на меѓусебните односи, но ние треба да правиме разлика меѓу историја и прагматизам. Ова е пораката која до државниот врв во Софија ја упати поранешниот премиер Симеон.
Во интервју за “24 часа”, Симеон, кој припаѓа на царската лоза и кој по петдецениски прогон од 2001 до 2005 одработи и еден мандат како премиер на Бугарија, вели дека Европа не ги разбира ставовите на официјална Софија.
“Во нашите односи со Скопје не треба да се повлекуваат толку јасни црвени линии. Сега, во вакво време за Европа, навистина е многу важно да ги придвижиме овие две земји напред. Значи, треба да се биде прагматичен. Бугарија со своето искуство може да им помогне на овие две земји да ги затворат преговарачките поглавја - ова е важна улога и така ќе влеземе во историјата”, посочува Симеон.
Темата е актуелна и за останатите поранешни политичари од Бугарија. Според Георги Прванов, на двете земји им треба нов концепт на заедничка историја, додека Плевнелиев вели дека на патот кон ЕУ, Скопје мора да се откаже од штетните идеологии.
“Тоа значи владеење на правото. Односно, Договорот за пријателство да функционира, значи права за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Тоа значи откажување од говорот на омраза, кој е европска вредност. Ова значи напуштање на штетните идеологии од минатото кои беа осудени од ЕП, а ЕП не прави разлика меѓу фашизам и комунизам”
“Имаше многу поголеми очекувања. Нив ги хранеше самата влада, што мислев дека е грешка. Допрва треба да ја вратиме довербата еден во друг. Допрва треба да ги решиме проблемите”
А за најновиот развој на односите меѓу Скопје и Софија денеска телефонски разговарале актуелните претседатели Стево Пендаровски и Румен Радев.
„Претседателот Пендаровски го поздрави воспоставениот дијалог меѓу двете влади и ја истакна подготвеноста на Република Северна Македонија за негово интензивирање во наредниот период“, се наведува во соопштението од вила Водно.
Двајцата претседатели разговарале и за подготовките за претстојната официјална посета на Пендаровски на Софија.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
