Македонија
28. April 2016 - 8:42

„Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение“ во Илинден

Општина Илинден денеска ја организира јубилејната 10-та по ред манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение”.

Манифестацијата, како што велат од општината ги обединува образованието, културата, уметноста, традицијата и религијата.

Секој посетител на манифестацијата што ќе подари книга за возврат ќе добие црвено Велигденско јајце.

Во чест на 2016-тото лето Господово симболично ќе бидат украсени 2016 Велигденски јајца.

Во изминатите девет години во рамки на манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение” што се одржува секоја година на Велик четврток, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, вкупно се собрани 27.000 книги наменети за Општинската библиотека Илинден и библиотеките во основните училишта.