Македонија
19. December 2020 - 13:15

Под Тумбе Кафе арсенал гранати од Првата светска војна

Под Тумбе Кафе во Битола беа отстранети 12.600 неексплодирани гранати од Првата светска војна, кои по скоро еден век на воениот полигон Криволак ќе го завршат својот век.

И додека пиротехничарите и стручни лица за заштита и спасување си ја вршат својата службена работа и должност, дел од јавноста, аналитичари, хроничари, историчари… истражуваат зошто и како останал толкав арсенал во овој дел на градот!? А има и шегобијци, битолчани мајтапчии, кои велат „Арсенал под Тумбе Кафе“, асоцирајќи на фудбалскиот клуб од Лондон, дотолку повеќе што арсеналот гранати беше откриен и отстранет на локација до фудбалскиот стадион во Битола.

Истражувачот м-р Јове Парговски, одличен познавач на теренот на Македонскиот фронт и Првата светска војна, вели дека кон откритието не смее да се пристапи потценувачки, ниту како еднаш засекогаш завршена работа, туку напротив треба да се продолжи со детекција на теренот, со примена на современи апарати за откривање муниција, бидејќи никој не може да знае колкава количина се крие во тој дел на градот.

– Познато е дека за време на Првата светска војна Битола се наоѓала на самата фронтовска линија на Македонскиот фронт, каде на двете страни биле стационирани околу 1,2 милион војници и огромни количини воен материјал. Според сочувана документација, на северната страна од подножјето на Тумбе Кафе, со завршувањето на Првата светска војна, по 1918 година, биле донесени и складирани големи количини лесна пешадиска и артилериска муниција, неупотребени гранати, од различен калибар, кои завојуваните страни ги оставиле на територијата на Македонскиот фронт, а меѓу нив имало и такви со отровен гас. Битола е избрана како локација затоа што е последната станица со безбеден железнички превоз, а муницијата требало да биде превезувана со воз, со организирани композиции чиј број на вагони според пишувани статии се движи до 400 вагони, вели м-р Јове Парговски, истражувач.

Несаканиот воен отпад на 18 април 1922 година предизвикува катастрофа со тешки последици, а причина е големата експлозија на муницијата што била оставена во близина на Железничката станица во Битола, пред некогашните Црвена и Бела касарна во градот. Артилериската муниција експлодирала два дена редум, на 18 и 19 април. Населението очајно барало помош, а за големата експлозија, во тоа време во меѓународната јавност Битола позната и како град Монастир, се чуло и се пишувало во светски познатите весници.

За големата експлозија на гранатите под Тумбе Кафе пишуваат Џексонвил дејли џурнал, Ричмонд хедс ерлиер јунитс преку својот дописник во Белград, Асошиејтед прес преку својот дописник во Атина, а за непријатните вести од Битола пишуваат и новинарите од тогашните прес-центри Љубљана и Белград, односно весникот „Југославија“ од Љубљана и белградските „Политика“, „Правда“, „Илустрован лист“.

Грчки новинар од Атина на 20 април 1922 година во телеграма до Ројтерс забележува дека е непознат бројот на настрадани лица, но дека бил доведен во опасност животот на населението во градот, кој во тоа време има околу 30 000 жители. Специјалниот известувач за Њујорк тајмс на 26 април 1922 година пишува дека во градот загинале 12 лица.

Публицитетот бил очекуван затоа што димензиите на големата експлозија биле со големи размери, а според Парговски, досетливоста на општинскиот службеник Хасан Риза, спречила катастрофата да биде уште поголема, доколку пожарот ја зафател тешката муниција сместена во близина на Офицерски дом.

– Војската, полицијата и локалното население очајно се обидувале да го стават под контрола пожарот што 40 часа беснеел на јужната страна од градот. Според пишување на дописникот за весникот „Политика“ од 26 април 1922 година, колосалната идеја што ја спасила Битола од катастрофа ја посочил општинскиот службеник Хасан Риза, кој предложил местото на експлозијата да се поплави со помош на водата од реката Курдерес и сите потоци што можеле да се пренасочат кон касарните. Среќна околност била тоа што Курдерес (турски kurt-deresi: волчји поток) во овој период бил полн со вода, а предлогот на општинскиот службеник бил прифатен.

Веднаш биле урнати преградите на реката и делот кај касарните бил поплавен, пожарот изгаснат и градот спасен. Потврда за тоа се фотографиите од тоа време и улогата на реката чиј крак и ден-денес тече под Тумбе Кафе, појаснува Парговски и додава дека, за жал, нема податоци што се случило со преостанатата муниција и што сè денес се крие во тој дел на градот, каде никнува нова станбена населба, но неодамнешните настани се доволно предупредување, дека работите треба да се сфатат сериозно.

Предизвиканите штети од експлозијата во таа 1922 година биле големи. Искршени прозорци, уништени објекти, несигурност и страв меѓу населението. Материјалната штета била проценета на тогашни 70 милиони динари. Брзо била организирана хуманитарна помош, а со свои донации меѓу другите се истакнал научникот Михајло Пупин, кој донирал 4.115 динари, иселеници од САД собрале 15.885 динари, а средства издвоиле и донирале загрепскиот весник „Покрет“ и српскиот весник „Политика“. Со различни донации, за населението биле собрани над 8 милиони динари, кои биле распределени за 1.065 семејства.

По големата експлозија животот во градот бавно се стабилизирал, живеејќи со раните од Првата светска војна, чии лузни, за жал, се видливи и еден век потоа.

 

МИА