Почнува работниот дел од парламентарните разговори во рамки на дијалогот Жан Моне
Претставници на парламентарните партии во македонското Собрание денеска во Охрид ќе ги отпочнат разговорите во рамки на дијалогот Жан Моне: Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон Евро-атлантските интеграции за граѓаните на РМ и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи. Средбата е иницирана од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.
Клучните теми за кои ќе се дискутира во рамки на процесот се Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, како и други прашања насочени кон јакнење на Собранието како институција со централна улога во реформската агенда за интеграција во ЕУ.
Работниот дел од дијалогот започува со обраќања на сите учесници, а предвидени се повеќе пленум-сесии на кои пред учесниците на разговорите свои излагања ќе имаат и европратеници, експерти ангажирани токму за конференцијата во Охрид, кои ќе зборуваат за Етичкиот кодекс, Интервенција за Деловник на Собрание, буџетски интервенции и обезбедување на институции. Се очекува од разговорите да произлезат заклучоци што треба да бидат донесени на завршувањето на средбите.
Во разговорите ќе учествуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, потпретседателите на Парламентот, како и претставници на сите парламентарни партии.
Дијалогот е предвидено да биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеј Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.
Како вовед во дијалогот синоќа се одржа и вечера за учесниците во разговорите, за кои европратеникот Иво Вајгл рече дека се со цел во отворена атмосфера, без присуство на јавноста, да се разговара за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.
- Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да кажеме дека земјата има направено значаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа, изјави Вајгл.
Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот „3-6-9“, а разговорите се очекува генерално да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.
Ново на Сител
-
Во Скопје и денеска воздухот опасен по здравје, владата најави решение за аерозагадувањето
-
Мицкоски: Ако има поскапување на струјата, тоа ќе биде до 3%
-
Македонците онлајн пазарат од македонски продавници, главно облека
-
Преглед на вестите од светот
-
Тензична собраниска седница за надзор на работата врз АНБ
-
Мицкоски: ДУИ е фактор на дестабилизација, за тоа е загрижена и меѓународната заедница
-
Суспендираниот Хајрулахи се жали на притисоци од државниот јавен обвинител
-
Регионална конференција за е-трговија