Македонија
11. January 2022 - 12:24

Почнува проценката на штети по серијата земјотреси во Битола

После серијата земјотреси кои ја зафатија Битола на ден 09.01 и 10.01.2022 година, граѓаните кои претрпеле штета, од денес можат да поднесат барање за проценка на штета на шалтерите во Општина Битола. Во прилог на барањето тие треба да достават: имотен лист/доказ за сопственост, фотографии од оштетениот објект, копија од лична карта и копија од трансакциска сметка, а барањата можат да ги доставуваат од денес до 26 јауари. Врз основа на доставените барања, комисијата од Општина Битола, ќе изврши проценка на штетите на терен, по што ќе биде соодветно постапено.

Земјотресот направи материјална штета и на една градинка во Битола.

- Во една од градинките, Мајски цвет, односно нејзиниот клон кај Симпо, директорката ја ставила вон употреба, останува стручен тим да ја утврди штетата, во интерес на децата, што побрзо да може објектот да се стави во функција, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Од земјотресот оштетување има и на зградата на Клиничката болница во Битола, но пациентите не се загрозени. Полесните пациенти се испишани, а откажани се дел од интервенциите. По увидот во штетите, ќе се пристапи кон нивна санација. 

Инаку тлото во регионот не мирува, после силниот земјотрес досега регистрирани се над 40 афтершокови.

Во текот на ноќта уште еден посилен земјотрес беше регистриран од епицентралното подрачје кај Лерин со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот е регистриран во 1:52 минути по наше време. Овој потрес беше почувствуван и во Битола, а жариштето било на длабочина од само 2 км.