Македонија
26. August 2026 - 16:45

Почна втората фаза на изгрaдбата на автопатот Скопје – Блаце

По години чекање, машините конечно влегуваат на трасата Скопје - Блаце. 

Почна изградбата на автопатот долг 10,5 километри кој треба да го смени патувњето кон Косово – со пет тунели и осум мостови  на еден од најтешките терени за градење во земјава. Според најавите ќе биде готов за четири години, за да се спои со веќе изградените 1,5 километар во близина на ГП Блаце.

Станува збор за инфраструктурен проект кој ќе го спои Скопје со ГП Блаце и потоа со Косово, држава која важи за важен трговски партнер на Македонија. 

Се класифицира во најкомплекните градежни проекти бидејќи, на мало растојание ќе има многубројни тунели, мостови и галерии. Автопатот ќе има две коловозни ленти, секоја по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од 27,5 метри. 

Надлежните најавуваат дека автопатот Скопје - Блаце ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата, а постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите граѓаните.

„Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕида. Со почнувањето на изградбата на автопатот Скопје - Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од приближно 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што нè поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и со Србија преку Косово“, изјави Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

На денешното поставување на камен темелник присутни беа премиерот Мицкоски со својот косовски колега, кои од говорниците испратија зааедничка порака дека ваквите проекти ја зацврствуваат врската и соработката меѓу двете држави.

„Проект е во вистинска смисла на зборот историски. Изминативе повеќе од две децении ни беше претставуван како само што не почнал да се реализира. Но еве денеска сите сме тука сведоци на почетокот на овој проект – нешто што оваа влада го имаше како свој приоритет пред нешто повеќе од 25 месеци кога беше избрана во македонското Собрание“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Автопатот Скопје - Блаце ќе донесе дополнителен развој и силно поврзување на државата, порача денеска министерот за транспорт и врски.

„Кога оваа Влада беше формирана во 2024 година, јасната политика и визијата на премиерот Христијан Мицкоски беше дека Македонија треба да стане крстосница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба, каде што два паневропски коридори - Коридорот 8 (Исток - Запад) и Коридорот 10 (Север - Југ) се пресекуваат, а на нив се надградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6, кој води од тука, и на тој начин да можеме државата да ја направиме срце на Балканот. Денеска почнуваме таков проект“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски. 

Додека владејачките партии славеа за отпочнувањето на поставувањето на камен темелникот, опозицијата критикува дека власта се фали со нивен проект. 

„Пред две години, Вреди и нивните политички партнери го напаѓаа проектот како „премногу скап“ и „несоодветен“. Денес, без да ја сменат ниту трасата ниту проектот, откако непотребно го одложија повеќе од две години. Единствените работи што се промениле се две години доцнење и околу 30 милиони евра повеќе од парите на граѓаните“, реагираат од ДУИ.

Финансирањето на автопатот е обезбедено преку  заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра и дел од буџетот на Владата.