Македонија
2. November 2018 - 16:59

Почна со работа македонско-грчкиот комитет за ревизија на учебниците – променетите учебници мора да се употребуваат од следната школска година

Променетите учебници по историја во Македонија и во Грција треба да бидат готови веќе со следната учебна година.
 
Грчкото МНР денеска соопшти дека заедничкиот грчко-македонски интердисциплинарен комитет, кој за прв пат заседава денеска во Солун, освен рамката на делување ќе треба да се фокусира токму на учебниците.
 
,,Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа дека работата на комисијата ќе почне привремено, додека не стапи во сила договорот. Договорената привремена работа е резултат на познавањето на двете страни дека до тогаш, ќе треба да бидат донесени сите неопходни одлуки за веќе од следната учебна година, ниту еден учебник или помошен училишен материјал да не треба да содржи иредентистички/ ревизионистички наводи, како што налага Договорот од Преспа. Јасно ни е дека за имплементација на одлуките што се однесуваат на учебниците е потребен период од неколку месеци. Тоа треба да се има предвид за да се имплементира веднаш, што влезе во сила Договорот од Преспа, во согласност со распоредот на кој се обврзаа двете страни‘‘, објави грчкото МНР.
 
И шефот на македонскиот експертски тим, амбасадорот Габер, претходно за Сител потврди дека учебниците и во двете земји ќе бидат во фокусот на ревизијата на средбата.
 
,,Од прво одделение, што би се рекло, каде се третираат теми што би можеле да бидат спорни во едукацијата на новите генерации, се до крајот на гимназиското образование. Значи таму каде што државата учествува во создавањето на перцепција од одреден историски настан, географски топоними и слично‘‘, изјави Виктор Габер.
 
Интердисциплинарниот комитет ќе се фокусира и на топонимите различни во двете земји, за кои ќе се следат меѓународните конвенции.
 
Мешовитиот тим ќе се среќава два пати годишно, по што ќе треба да поднесе годишен извештај до идниот Совет за соработка, предводен од премиерите на Македонија и на Грција, за наодите од ревизијата и донесените одлуки.
 
Валентин Николоски, Сител телевизија.