Почна со работа Центарот за обука на административните службеници
Отворен првиот Центар за едукација на административците во Скопје. Овој објект во скопски Аеродром треба да биде темелот за професионализација на јавниот сектор, со оглед на тоа што според најавите Владата не планира намалување на вработените на државно, туку нивна едукација, иако околу 40% од нив не работат ништо.
Црвената лента ја исече министерот Минчев заедно со в.д. градоначалникот на Аеродром. Во објектот има училница со околу 30-тина клупи и нови лаптопи преку кои административците ќе треба да се доедуцираат.
-Во овие клупи ќе треба да седнат административците кои од своите шефови ќе добијат оценка единица или двојка. Токму со доедукација Министерството за администрација планира да ги мотивира 40-те % од службениците конечно да почнат да си ја заработуваат својата плата.
Новите законски решенија предвидуваат дека најслабите службеници ќе мора да одат на обука, да ја зголемат продуктивноста за да добијат повисока оценка, па дури потоа ќе можат да напредуваат во кариерата.
Но Министерството планира сите вработени тука да се стекнуваат со нови вештини.
-Согласно новите законски прописи тоа е регулирано во Законот за јавниот сектор и во Законот за административни службеници, согласно новите критериуми на граѓаните кои ќе конкурираат на огласите, но исто така и соодветна проверка на знаењето на постоечките вработени, на секои шест месеци. Што значи, се водиме од тезата дека учењето и знаењето е всушност клучната алка за професионална јавна администрација, вели министерот Минчев.
Центарот за едукација за година и половина отсега треба да стане дел од алката наречена Академија за јавна администрација. Академијата, чиј старт е планиран за 1 јануари 2027, ќе биде создадена со помош на француско искуство.
-Сме блиску до потпишување Меморандум со Центарот за управување и промени на Француската амбасада коишто ќе го потпомогнат развојот во наредните две години. Ќе станат основата добро обучена, образована и професионална јавна администрација. Тоа е темел за реформата во јавниот сектор и тоа треба да е темел на одлична услуга на граѓаните, односно воспоставување на европски стандарди, вели Минчев.
Министерот уверува, Владата има волја да го департизира јавниот сектор. Гаранција за тоа се реформските закони кои беа усвоени на почетокот на месецов, но и новиот пакет реформски закони кои треба да бидат донесени до крајот на годината.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар