Македонија
26. December 2021 - 16:44

Почна ски сезоната на Копанки

Благодарение на обилните снежни врнежи пред две недели, скијачката сезона на „Копанки“ почна порано, што е невообичаено, со оглед на тоа што последните години сезоната започнувала дури во февруари. 

-Отсекогаш сме ја сакале и ќе ја сакаме, ваков зимски центар нема во светот. Нема подобро. Сакам да доаѓам овде, велат скијачи.

Новина е и платформата која нуди простор за одмор, релаксација, храна и пијалоци.

-И покрај ниските температури деновиве, од една страна патеката можевме да ја одржуваме, а од друга страна имавме секојдневно посета, особено во викендите. Денес на ова сончево време користиме да додадеме нова содржина, покрај сите други подготовки на центарот, ја додадовме оваа платформа на овој сончев дел на Бегова Чешма, изјави Никола Каровски, директор на Хотел Молика.

Викендов пак Хотел Молика, кој е дел од ЕЛЕМ Турс како и ски-патеката, има голем број посетители. Очекувањата на хотелиерите дека оваа година ќе биде подобра, не се исполнија, вели Каровски.

-Ние во моментот имаме преку викенди гости, но не е таа динамика како што ја имавме. Околу 70% е искористен овој викенд, за новгодишните празници сме резервирани 100%, се надевам дека мерките и условите кои ќе бидат донесени и кои владеат во моментот од Министерството за здравство, ќе дозволат празниците да поминат како што треба, изјави Каровски.

Покрај платформата, веќе е изготвен и проект за осветлување на ски-патеката за да работи во две смени, а планирани се и дополнителни содржини во функција на безбедноста на скијачите.