Почна расправата за доверба на Владата на Петков, Собранието во Софија утре ќе одлучува по францускиот предлог
Почна расправата за опстанок на бугарската влада. Утрешниот исход крајно неизвесен, по излегувањето на партијата “Има таков народ” од владината коалиција и губењето на парламентарното мнозинство.
Петков бара шест гласа со кои ќе стигне бројката од 121 пратеник, доволни да му обезбедат зачување на власта. Бугарскиот премиер не ја губи надежта. Вели дека преговорите со пратениците продолжуваат и дека ќе обезбеди мнозинство на утрешното гласање за недоверба на владата.
Од собраниската седница Петков порача – мојата борба против криминалот во државата е вистинската причина зошто се бара моја смена, а на пратениците на ИТН им порача да се водат од една работа.
„Ние знаеме дека многу од вас влегоа со чисти цели и мисли и дека не очекувавте дека вашите лидери ќе ја остават Бугарија во овој критичен момент. Од вас зависат седум милиони бугари. Ве повикувам да се сетите на заклетвата што ја дадовте. Неа не ја дадоа Трифонов, Борисов...Се заколнавте дека ќе се водите од интересот на народот”
А од партијата на Слави Трифонов обвинуваат за жесток притисок кон нивните пратеници. Тој се врши преку СМС пораки и јавувања од страна на Петков кон нашите членови, обвини координаторот на пратеничката група на ИТН.
„Имам во телефонот принтскринови од пораките кои им ги праќал премиерот, а не ги ни бројам телефонските повици кон нашите пратеници за да им објасни како да гласаат”
Гласањето за недоверба на кабинетот на Петков го поднесе опозициската ГЕРБ, а како причина го наведе неуспехот на владата во финансиската и економската политика. Поддршка добија од партиите Има таков народ, ДПС и Преродба, со што сочинуваат мнозинство од 125 пратеници.
Инаку за време на дебатата во Собранието, во Софија е најавено одржување на 11 протести, дел за поддршка, а дел против актуелната влада.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
