Македонија
30. April 2020 - 19:41

Почна постапката за лекување со крвна плазма успешно извадена од двајца донори

Двајца Скопјани оздравени од Ковид-19 се првите донори на крвна плазма која треба да помогне во третманот на пациенти кои се уште се борат со вирусот. Процедурата попладнево беше успешно направена на Институтот за трансфузиона медицина.

-Се помина во најдобар ред, ние сме многу среќни. Имавме двајца донори на крвна плазма, изјави д-р Радица Грубовиќ Растворцева, раководител во Институтот за трансфузиона медицина Скопје.

Донорите имале доволно антитела на вирусот, а плазмата на болните ќе почне да им се дава деновиве, за почеток кај пациенти хоспитализирани на Инфективната клиника.

Од Институтот за трансфузиона медицина се надеваат дека ќе се зголеми бројот на веќе оздравени од коронавирус кои ќе донираат крвна плазма.

Оваа процедура за прв пат се изведува во Македонија, а искуствата во други земји покажале дека плазмата може да помогне во оздравувањето на болни од Ковид-19.