Македонија
21. December 2016 - 14:56

Почна новогодишното украсување на Куманово

Почна новогодишното украсување на централното градско подрачје во Куманово. Екипи на приватна компанија од Скопје денеска поставуваа новогодишни украси и светилки на главните сообраќајници, булеварите „Трета македонско-ударна бригада“ и „Октомвриска револуција“, улиците „Доне Божинов“, „Народна револуција“,„11 Октовмри“, централниот и плоштадот пред Центарот за култура.

- На градскиот плоштад е поставена елка и фонтана. Украсувањето ќе заврши наредните два дена, информира директорот на Јавното претпријатие „Куманово-Паркинг“ Фадиљ Шабани.

Годинава, како што информира, не е предвидено украсување на градскиот кеј, како минатата година, кога екипите на претпријатието самите го украсија кејот.

- Предвидено е да се постават лед светилки, светлосни мрежи, фигури во вид на топки и други украси. Оваа година изведувач на работата е „Линк медија плус“-Скопје. Вредноста на договорот е еден милион и 772 илјади денари, изјави Шабани.

Новогодишните украси ќе бидат поставени до средината на јануари 2017 година. Од претпријатието апелираат до кумановци совесно да се однесуваат кон поставената празнична декорација. И оваа година како и претходните нема да бидат украсени населбите во Куманово.