Македонија
4. August 2020 - 12:28

Почна конститутивната седница на Собранието

Во големата купола на Собранието, под посебни здравствени протоколи, почна првата седница на новиот парламентарен состав. Во пратеничките клупи седнаа 120-те пратеници кои беа избрани на предвремените парламентарни избори на 15-јули, а со седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери. Дневниот ред за денешната седница предвидува четири точки. Првите две се верифицикација на мандатите на пратениците. Потоа треба да формира Комисија за прашања за избори и именувања. Последната, четврта, точка е избор на претседател на Собранието.

Функцијата Претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

На седницата како гости се поканети сите релевантни политички чинители во земјава. Во салата “Македонија” присутни се претседателот Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судскиот совет, јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народна Банка, како и претставници на странски дипломатски конзуларни мисии во Македонија.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Горан Симоновски