Македонија
19. October 2015 - 19:09

Почна изградба на пазари за еко-производи во Маврово и Ростуше

Денеска почна изградба на два пазарa за еко-производи, еден во Маврово и еден во Ростуше, кои се дел од ИПА-програма за прекугранична соработрка на ЕУ помеѓу општина Маврово-Ростуше, од македонска страна, и локалната самоуправа Ѓинар кај Елбасан од албанска страна.

Двата пазарa во Маврово-Ростуше треба да бидат готови до крајот на годинава и, според градоначалникот на општината Мукрем Мехмеди, со нив треба да се реши долгогодишниот проблем со немање пазарен простор поради што жителите од општината ги посетувале пазарите од околните места за да можат да набават производи за своите домаќинства или да продадат производи кои самите ги произведуваат. 

Капацитетот на пазарот кај Ростуше ќе биде со 50 тезги додека тој кај Маврово со 20 тезги. 

Партнер на општината во реализација на овој проект е Националниот парк Маврово како извор на различни еко производи,  билки за чаеви, печурки, шумско овошје, мед, млеко, сирење и други млечни призводи. За таа цел во изманатиот период биле организирани обуки со месното население за начинот на правилно користење на овие природни богатства и нивна подобра продажба не само на познати купувачи, туку и на домашни и на странски туристи. 

Партнер од албанска страна е општината Ѓинар кај Елбасан. Според нив, покрај промоција на здрава храна, проектот има за цел и продлабочување на соработката на населението од двете страни на границата.

- Пазарите во Маврово и Ростуше се дел од ИПА-програмата за периодот 2007 - 2013 година како дел од вкупно 51 проект што биле реализирани во овој период со вкупна вредност од 7,2 милиони евра, изјави Хајрие Ахмед од Министерството за локална самоуправа.

Според претставникот на ЕУ, Јаромир Левичек од почетокот на следната година треба да започне реализацијата на новата ИПА 2 програма со која се предвидени 12 милиони евра за прекугранчна соработка на Македонија со Албанија и уште 8,5 милиони евра за соработка на Македонија со Косово во областите на животна средина, туризам, заштита на културното и природното наследство и бизнис трговија.

Во рамките на денешната промоција на ИПА-програмата во Маврово Ростуше беше избран и најдобар еко-производ, а претходно беа претставени две пешачки патеки во Гостивар и селото Долно Јеловце, реализирани во партнерство со општините Корча од Албанија и Драгаш од Косово.