Македонија
7. July 2016 - 11:05

Почна 14. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“

Со врачување на престижното признание „Актерот на Европа“ за 2016 година на романскиот актер и режисер Јон Карамитру и наградата „Клучевите на Преспа“ на професорот Владо Матевски и академик Андраж Чарни, синоќа во реновираниот амфитеатар во Ресен почна 14. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“. На отворањето беше изведена и премиера на претставата „Умирам пеејќи – Наум Манивилов“. 

На романскиот театарски и филмски актер, режисер и политичар Карамитру, кој беше и министер за култура од 1996 до 2000 година, наградата „Актер на Европа“ му се доделува за животно дело, а покрај неа му беше врачено и признание за почесен доктор (doctor honoris causa) од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА од Скопје.

- Почестен сум со наградата „Актер на Европа“, посебно ме радува тоа што ја примам од драги пријатели и врни познавачи на актерството. Ми претставува голема чест што станувам дел од едно големо театарско семејство обединето преку фестивалот „Актерот на Европа“, рече Карамитру по примањето на признанието.

Тој  настапувал во повеќе од 30 филмови и голем број театарски претстави, а режирал опери и оперета. За својата работа во воспоставувањето на британско-романските културни врски, Карамитру беше именуван за „Офицер на редот“ на Британската Империја.

Според градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски, театарската уметност е успешен пример на соработка на народите на Балканот.

- Сите ние делиме стремеж кон подобро утре, тоа можеме да го оствариме само со меѓусебно почитување и разбирање, а токму театарската уметност во случајов е успешен пример како ние, народите од Балканот, треба да соработуваме. „Актерот на Европа“ покрај своите уметнички дострели има и обединувачка димензија на трите народи и култури кои делат едно исто езеро, истакна Стрезовски при врачување на признанието на годинашниот лауреат.

За посебни достигнувања во промовирањето на Преспа преку своите научни истражувања и нивниот особен придонес во проучувањето на флората во Македонија, особено за уникатната флора на планината Галичица, наградата „Клучевите на Преспа“ им беше врачена на академик Владо Матевски и професорот Андраж Чарни од Словенија.

Во шестдневната програма на сцената во ресенскиот Сарај љубителите на театарската уметност ќе можат да проследат театарски изведби од Црна Гора, Србија, Франција, Бугарија и Македонија. На фестивалската програма вечер е преставата „Адам и Ева“ во изведба на „ЈУК Херцег Фест“ од Црна Гора

Фестивалот „Актерот на Европа“ се организира од 2003 година. Прв лауреат на  наградата „Актер на Европа“ беше актерот Љуба Тадиќ од Србија, а следни добитници беа: Мариус Куркински од Бугарија, Бајруш Мјаку и Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Моника Санторо од Италија, Костас Гакидас од Грција, Зијах Соколовиќ од Босна и Херцеговина, Роже Мирмон од Франција, Брус Маерс од Велика Британија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија од Хрватска и Милена Зупанчич од Словенија.

Фестивалот е во организација на „Езеро без граници“, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности со поддршка на Министерството за култура на Република Макеоднија. Досега на фестивалот учествувале повеќе од 150 претстави од скоро сите европски земји.