Живот
15. November 2023 - 13:38

Почина Жарко Лаушевиќ

На 63-годишна возраст по кратко и тешко боледување почина српскиот актер Жарко Лаушевиќ.

Тажната вест ја соопшти неговата сопруга Анита Лаушевиќ.

„Јавноста ќе биде навремено известена за  датумот и местото на погребот“, се наведува во краткото соопштение.

Актерот е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, а дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Бил член на Југословенскиот драмски театар, каде играл улоги во голем број претстави.

На филм дебитирал во 1984 во филмот „Прогон“, а истата година остварува значајни улоги во филмовите „Савамала“ и „Директен пренос“.

Голема популарност добива со улогата на Шиља во телевизиската серија „Сиви дом“.

После тоа играл улоги во повеќе од 20 филмски и телевизиски серии помеѓу кои се: „Шмекер“, „Свечена обврска“, „Се случи на денешен ден“, „Офицерот со роза“, „Браќа по мајка“, „Битка на Косово“, „Оригинален фалсификат“, „Кажи зошто ме остави“, „Нож“.