Почина Панчо од „ДНК“, седум месеци се лекуваше од повредите во пожарот
Почина Панчо од ДНК.. Вокалот на музичката група, 46 годишниот Владимир Блажев – Панчо е 63 жртва од пожарот во кочанската дискотека.. Тој речиси седум месеци се лекуваше во приватна болница во Скопје од тешки изгореници на рацете и главата.. Во пожарот кој избувна за време на нивниот настап во март годинава, животот го загубија и Андреј Ѓорѓиевски од дуото ДНК, придружниот вокал, тапанарот, гитаристот, како и членови на техничкиот дел од групата.. По веста за смртта на Блажев – Панчо, бројни музичари, спортисти и негови соработници изразија сочувство преку социјалните мрежи..
Групата ДНК која беше формирана пред речиси 25 години, освен по својата популарност на музичката сцена, препознатлива беше и по бројните хуманитарни акции за помош на тешко болни и ранливи категории на граѓани..
Сочувство за смртта на Панчо, изрази и Здружението на граѓани 16 март од Кочани..
„Ова не е само број – ова е живот одземен, живот што носеше радост и надеж. Колку уште семејства ќе бидат погодени од оваа трагедија? Правдата мора да се извојува! За Панчо, за секоја жртва, за секој млад човек што беше одземен, за секој родител што плаче“, пишува во објавата на здружението..
Со истрагата за пожарот во „Пулс“, беше опфатен и Панчо, но постапката беше прекината додека трае неговото болничко лекување..
„Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“ информираше Јавното обвинителство..
Во меѓувреме, се чека стартот на судењето за случајот во кој обвинети се 34 лица и три фирми.. Сите се обвинети за тешки дела против општата безбедност.. Поранешни министри, градоначалници, директори, сопствениците на дискотеката, фирмата за обезбедување се гонат дека ја допуштиле незаконска работа на објектот кој во март годинава целосно изгоре откако за време на настап на групата ДНК беше активирана пиротехника.. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар