Кошарка
6. July 2016 - 8:57

Победи на фаворитите во квалификациите за кошаркарскиот олимписки турнир во Рио

 
 И на вториот натпреварувачки ден во квалификациите за машкиот кошаркарски олимписки турнир во Рио, немаше изненадувања, односно, фаворитите забележаа победи. 
 
Селекцијата на Италија е првата која обезбеди место во полуфиналето на турнирот во Торино, откако „Аѕурите’’ пред својата публика ја совладаа Хрватска со 67-60 во натпреварот од Б групата. Во дуелот пак од А групата, Мексико иако настапува без својот најдобар играч Ајон, сепак беше подобар од Иран со 75-70. Така во денешното 3.коло директната пресметка меѓу Мексико и Грција ќе решава за првата позиција во оваа група, додека за второто место во Б групата ќе играат Хрватска и Тунис.
 
На турнирот во Белград, Порторико ја победи Ангола со 91-81 со што направи чекор поблиску до 2.место во групата А, во која домашната селекција на Србија денеска против Ангола важи за фаворит, а со тоа и за селекција која ќе го освои првото место. 
 
Во групата Б, првото место, а со тоа и пласман во полуфиналето го осигура репрезентацијата на Летонија која со 71-59 ја совлада Чешка, која пак сега ќе мора да ја оправда улогата на фаворит во денешниот дуел со Јапонија и за се избори за полуфинале. 
 
На турнирот во Манила, вчера во рамките од првото коло  Канада ја победи Турција со 77-69 во дуел од А група, додека Франција потешко од очекуваното славеше над  Филипини со 93-84во меч од Б група.  
 
Деска на програмата на овој турнир се играат натпреварите Канада – Сенегал и Филипини – Нов Зеланд.